Твојата бивша, твојата вечна љубов 2

Повторно се среќаваме твојата бивша, ти, твојот најдобар пријател кој по некоја случајност е нејзин дечко и јас, твојата свршеница која пред една недела ја запроси пред нејзините очи.

Моето последно прашање кое остана реторичко, без одговор, бидејќи никогаш не го поставив на глас беше дали ме запроси за да ја направиш љубоморна девојката која некогаш си сакал да ја земеш за жена или бидејќи сакаше да ми го разубавиш роденденот.

Овој пат не беше вечера во ресторан, се договоривме да се најдеме на кафе во моето омилено кафуле во центарот на градот каде секогаш свиреше џез, келнерите беа пријатни, а атмосферата беше пригушлива и тешка баш како што ми одговара мене. Не знам зошто, но уживам на тензични места, можеби бидејќи луѓето околу мене создаваат поголема тензија отколку атмосферата, па се надевам дека тензијата ќе сузбие тензија. Не е важно, таа не ги оттргна очите од тебе, а богами и од мојот веренички прстен.

Можев да и прочитам во очите дека отсекогаш сонувала истиот да биде на нејзина рака, ставен од твојата рака, но сега е на мојата рака и не планирав да го испуштам во вц школката се додека не ти посегнав по твојот телефон за да го видам часот, а пред мене се појави нешто неочекувано.

Што има ново, праша твојот најдобар пријател, ништо посебно одговорив јас, планираме заеднички викенд во Охрид, да се релаксираме малку од напорната недела, цели седум дена бевме заедно откако се вселив во неговиот стан, го кажав ова со секси тон кој издава дека сите тие седум денови беа исполнети со страст, нешто што ја натера да се засркне од кафето во истата секунда. Носев длабоко деколте, тесни фармерки и високи штикли, а косата ми беше во локни, шминката нападна и секси, едноставно бев посебна. Сакав да ја оставам да се дави во своето кафе цело попладне и го извадов огледалцето од ташната со раката на која што ми беше вереничкиот прстен, го префрлив во другата и го зедов сјајот за усни. Го вртев полека во нејзин правец, можев да видам со работ на окото дека очите и шараа околу кругот на капачето, околу светкањето на камчето од прстенот, подобро речено. Во истиот момент ја почувствував неговата рака на половината која ме прилепи до неговата половина и ми шепна на увото дека сум прекрасна и секси, поубава од секоја девојка во кафулето. Се запрашав дали во тие сите девојки ја вбројува и неговата бивша? Какво глупаво прашање, ја погледнав незабележително, но не се воздржав да се насмеам забележително, кога го оттргнав погледот од неа.

“Благодарам”, одговорив и ти не си лош. Го повикав келнерот и порачав џин тоник за сите четворица, ме погледнаа со подзината уста и прашаа кој ми е поводот за славење. Мојата прва книга е готова за печатење, одговорив со треперлив глас, ја забележав нејзината љубомора во очите која полека се префрлаше на моето деколте, од него на прстенот, од прстенот на усните и така натаму, листата беше бесконечна, не и замерував, личеше на средовечна жена од 40 години, а имаше само 28.

Го испив џин тоникот на екс и порачав уште еден во истите 5 минути, сите ме гледаа зачудено, но никој не го знаеше мојот вистински повод за пиењето тоа попладне.

Пред да тргнеме на кафе телефонот на мојот иден сопруг беше оставен на масичката до креветот, тој се тушираше, а јас се уште се расонував размислувајќи за што ќе пишувам денес. Имав работа која ја обожавав, пишував колумни за веб портал од различен тип секој ден, работата беше флексибилна и ми го исполнуваше времето, а богами и срцето. Посегнав по неговиот телефон да погледнам колку е часот кога на екранот забележав порака, ја отворив, беше од негов пријател со непознато име за мене, никогаш немав слушнато дека такво име постои во листата на негови пријатели.

Пораката ги содржеше зборовите: “Убаво да спиеш, се уште те сакам”. Срцето ми запре, крвта ми замрзна, моментот во кој се џарев нефокусирано ми траеше цела вечност, косата ми се крена, но останав смирена. Го отворив сандачето со пораки, не бев изненадена од пораките на неговиот пријател, сфатив дека тој е ТАА, без сомнение. Една од пораките на мојот свршеник гласеше вака: “Никогаш не те заборавив, ја запросив само за да се обидеш да ме спречиш, но ти не направи ништо”.

Последователна порака од неговиот “пријател” беше – “Како би те спречила, мислев дека си среќен, не сакав да го уништам нејзиниот роденден и твојот најсреќен ден во животот”.

– “Најсреќниот ден во животот ми беше кога те запознав тебе.” Така ли? Се прашав на глас. Го оставив телефонот на масичката и бев спремна да го претворам неговиот живот во кошмар.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This