Ти си можеби мојата шолја топол чај, но јас моментално сакам да се напијам ладно пиво

Ти си можеби мојата шолја топол чај, она вистинското, суденото што би рекле старите, но јас моментално сакам да се напијам ладно пиво.

Сакам да ми се подуе стомакот од пиво, не од секс, сакам да уживам во топлите денови, држејќи го ладното пиво во рака, бидејќи жежок чај и жешко време не е баш сјајна комбинација.

Ти си таа мојата шолја топол чај која е тука за да ми го смири духот, стомакот и пеперутките во него, тука е секогаш да ме спречи да повратам после многу испиени ладни пива.

Да, ти си таа шолја чај која јас секогаш ја потопувам во врела вода и ја оставам да отстои под тацна. Ти си тој што секогаш го оставам да отстои, бидејќи знам дека нема да замине никаде подалеку од мојата шолја, моето срце.

Можеби нема да заминеш, но можеш да се изладиш знам, но нека. Јас уживам и додека пијам ладен чај, знаеш? Би ти ставила неколку коцки мраз, две парчиња лимон и би уживала во твојот нов вкус.

Ти си можеби мојата шолја топол чај, иако не знаеш дека јас ретко пијам чај, но од тебе би сркнала секогаш  неколку голтки колку да се смирам.

Ти си мојот лек за настинка, ме лекуваш со твојата арома која удира во лицето, пареа која ги отвора сите пори на лицето, ми ги влажни усните сè уште недопрени.

Но, јас повторно се разболувам пиејќи ладно пиво, дури и во зима, кога би требало да те пијам почесто. И покрај се, ти си секогаш тука за мене.

Ти благодарам, навистина, знам дека те запоставувам, но што да правам кога не сакам да те заменам со ладно пиво, сакам да останеш мојата шолја топол чај која ќе ми ги топли рацете, фајќајки ми се за срцето.

Сакам да останеш тоа што си, но моментално исто така би сакала да се напијам ладно пиво, онака колку за промена.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This