Сè уште не си видел сè, не си почувствувал сè, не си вкусил сè

Не ти се живее повеќе, не ја гледаш смислата на животот или истата полека се губи во сеќавањата кои избледнуваат како твоите години, кои се повеќе се нанижуваат.

Немаш волја за ништо, наместо да живееш, порадо би легнал да одмориш, нели? Знам, така се чувствував и јас сè додека не сфатив нешто.

Многу важно нешто кое ме натера да ја засакам мојата работа, моето семејство, мојот партнер, моите пријатели, моето секојдневие, светот, ме натера да се засакам себеси, повеќе од претходно, повеќе од секогаш.

Бидејќи, сè уште не сум видел сè, не сум видел како авионите се издигнуваат на различна височина вивнувајќи се кон облаците, упатувајќи се кон различни дестинации, Рим, Милано, Минхен, Чикако, Вегас, Алјаска, па дури и Северниот пол.

Би сакал да го почувствувам тој ладен воздух како поминува низ ноздрите и ми го замрзнува телото, би сакал да го почувствувам вкусот на морето, океанот во кој никогаш не сум бил досега, да пливам заедно со него, сакам да ги почувствувам на кожа сите океани во светот.

Бидејќи сè уште не сум почувствувал сè, не сум почувствувал како е кога си возбуден поради патување на непозната дестинација, не сум почувствувал адреналин при скокање со падобран, скијање на најстрмниот врв, искачување на највисокиот.

Не сум видел сè, не сум почувствувал сè, кога подобро ќе размислам ниту сум вкусил сè. Колку ли кујни во светот има што не сум ги пробал?

Листата е бесконечна, а јас имам бесконечно време за неа. Имам време колку што ќе посакам, имам сè што ќе посакам за да бидам способен да посакам нешто, имам здравје, тоа е најважно.

Кога човек има здравје, има сè, кога нема здравје би дал сè за да го добие. Па зошто кога јас го имам, да не ги искористам неговите поволности, зошто да не го вдишувам воздухот со полни гради, зошто да не живеам со полни гради, зошто да не се радувам со широка насмевка на лицето, среќа во срцето?

Ми се живее, бидејќи штом забележам дека животот ја губи смислата или веќе ја изгубил, решив јас да му ја дадам, одлучив да му ја сервирам секое утро како појадок во кревет.

Бидејќи, сè уште не сум видел сè, не сум почувствувал сè, не сум вкусил сè. Не си вкусил ни ти, не си видел ни ти сè, а знаеш ли колку е тоа сè? Многу, а ти си видел премалку.

Животот е пред тебе, зграпчи го денес.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This