Ја оставив безброј пати, но таа ме остави само еднаш

Беше млада и неискусна, а јас постар и позрел, но сепак не знаев што сакам од животот. Ја сретнав кога имаше само 19 години, беше како табла на која можеш да запишуваш се што сакаш, секако и да бришеш се што сакаш, бидејќи таа беше толку наивна и кревка што не знаеше ниту како да те спречи во бришењето.

Беше интересно, ме засака веднаш иако не ми кажа го чувствував тоа, но сепак не се осмелував да ја прашам. Не бев јас тој што изразува чувства, не беше мој фазон да кажувам дека сакам некого. Но, ме интересираше зошто не го кажува тоа, дека ме сака, ме пецкаше иако знаев дека сум љубовта на нејзиниот живот, нејзин учител, а таа моја ученичка која ќе направеше се за да остане со оцена 5 во мојата глава.

Не забележував дека јас влегов во минус со оценките во нејзината глава секој пат кога ќе ја оставев. Да, ја оставав безброј пати и самиот не се сеќавам колку беа, сигурно не можеш да ги изброиш на две раце. Таа секогаш се враќаше, но со еден детал кој никогаш не го забележав се до последниот пат. Се враќаше со помалку љубов и солзи од претходниот пат кога сум ја избркал.

Сфатив дека со секое оставање ја учев како да живее без мене. Беше убаво, но не како на почетокот, знаев дека јас сум крив, но и покрај тоа ја обвинував неа за мојата грижа на совест и повторно ја оставав при секоја ситна грешка само за да си докажам дека таа е виновна за се.

Последниот пат кога ми се врати беше како камен, не беше повеќе онај памук кој можеш да го стиснеш во рацете секогаш кога ќе посакаш. Беше оган, не можев да ја допрам, ќе се изгорев. Пред мене стоеше силна жена за која не се чувствував достоен.

Започна да ја забележува секоја моја грешка, потег, искривена насмевка, превртување со очите, лажен оргазам. Се зачудив, беше толку неочекувано за мене, ме плашеше нејзиниот став, како да се видов себеси во неа. Не верував дека навистина ученикот секогаш го надминува учителот, таа ми го докажа тоа.

Бевме во ресторан, го имав купено нејзиното омилено чоколадо и сакав да ја изненадам како што таа го правеше тоа во минатото, за прв пат во нашата така да ја наречам врска.

Кога го погледна чоколадото како да се присети на се, на секоја моја забелешка, оставање и навреда, се запали една искра во нејзиниот поглед која што ми го гореше срцето. Го зеде чоколадото, си го облече капутот и замина кон вратата.

Пред да излезе, во кантата за ѓубре го испушти со таква бездушност како што тоа јас го правев секогаш кога ќе ја испуштев нејзината рака во минатото.

Знаев дека никогаш повеќе нема да ја видам.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This