Искреноста се плаќа, а јас сум шворц

Искреноста се плаќа, а јас сум шворц, знаеш? Премногу платив, а ми беше вратено повеќе пати со солзи, многу со оставање, помалку со прегратка и најмалку со љубов.

Можеби си искрен, но јас не ти верувам, нема да ти верувам до крајот на вечноста, се додека не ми докажеш. Нема да ти верувам, се додека не ми ја отвориш душата, се додека не ме оставиш да ти прошетам низ мислите, да те гризнам за срцето. Нема да ти верувам, се додека не ми ги раскажеш твоите стравови и тајни кои очајно ги криеш, а јас сакам очајно да ги слушнам.

Не затоа што сум љубоморна, туку сакам да те запознаам. Ретко луѓето денес сакаат да те запознаат таков каков што си навистина, но често те прифаќаат или осудуваат онаков како што не си!

Биди ти тој човек меѓу луѓето, биди ти тој што ќе ми го стопли срцето со своите зборови, искра во очите и насмевка измамена од љубовта. Врати ми ја довербата, која верувај, одамна сум ја изгубила, трагајќи по нешто невидливо. Врати ми ја надежта, бидејќи таа ме одржуваше во живот, а сега се чувствувам како жив мртовец кој чекори покрај тебе, ја држи твојата рака без сила да ја стисне и да ја прилепи кон срцето, заспивајќи во твојата прегратка.

Јас не можам да заспијам покрај тебе, бидејќи твоите гради се уште се непозната, ладна перница за мене, а надвор е зима, ладно е, верувај таа нема да ме стопли ако претходно добро не ја загрееш со твоето срце. Затоа ти кажувам дека искреноста се плаќа, а јас сум шворц, те молам позајми ми љубов, ти ветувам дека ќе ти ја вратам.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This