Цигарите се штетни, но луѓето се поштетни, побрзо ќе те убијат

Ти девојко, ти што глумиш среќна, верувам дека ќе се препознаеш, иако денес има многу како тебе. Дали ја вежбаш вештачката насмевка пред спиење, што наутро толку добро ја сервираш како локум на тацнето со кафе поставено на наткасната до твојот дечко?

Дали го вежбаш секој допир пред спиење, што наутро толку вешто го допираш обидувајќи се да го возбудиш, знаејќи дека во твоите очи ги гледа нејзините? Знаеш дека во црнките твои ги бара оние на таа што го оставила, изневерила, убила, заебала, изиграла? Знаеш, а нели ти пречи?

Си мислиш дека ќе го спасиш? Многу се обиделе пред тебе, ниту една не успеала. Надежта последна умира, до ден денес се уште го бараат. А тој им се враќа во постела, секогаш кога вашата е премногу средена за да биде растурена. Им се враќа, а потоа пред да зазори, ти се вовлекува во креветот, мислејќи дека спиеш, а тебе те мачат кошмарите кои на јаве ги сонуваш.

Те мачи нивниот парфем во воздухот? Немој, не кажувај дека е ефтин. Не кажувај дека никогаш не би користела таков парфем во кој се измешани мирисот од празната хотелска соба, две голтки вино на газерот од шишето и пепелник од кој пикавците паѓаат на масата со бел чаршав и црвени дамки.

Немој. Подобро молчи. Ти, истиот парфем го користиш. Различна нота на твојот додава вашата спална соба со совршено наместена постелнина, недопреното вино кое го чуваш во гардероберот за вашата годишнина и пепелникот кој светка од чистота на масата.

Ги откажа цигарите, викаш? Секој го откажува она што го убива, кога ќе сфати дека се уште има време да се спаси од него. Ајде, откажи ја навиката да му се враќаш нему, откажи ја како што ги откажа цигарите. Исчисти си го црнилото од душата, како што го стори тоа со белите дробови, откажи се од ефтини парфеми кои навечер те гушат. Откажи се од него и повторно земи ги цигарите во рака. Можеби тие се штетни, но тој што е до тебе е поштетен, ќе те убие побрзо.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This