Беше саботна вечер, а јас повторно се дружев со пивото купено од мојата последна плата

Изгубив сè, но некаде прочитав дека изгубено е само она од кое што си се откажал ти.

Фрустриран, завлегов во пронаоѓање на вистинската смисла на оваа реченица. Се прашував, зарем човек може да изгуби сè по своја волја, лесно од раце да му се лизнат куќата, долгогодишната врска и работата која била доволна за сметките, храната и барем едно пиво во саботна вечер пред телевизор?

Изгубено е само она од кое си се откажал ти, сфатив дека навистина е така, а знаете ли зошто?

Затоа што јас потсвесно знаев дека не бев роден да преживувам во златна средина и да работам за да плаќам сметки, уште помалку да останам со девојката што секогаш беше задоволна од она нашето, со кое секогаш се тешевме – „Колку, толку барем имаме за да се прехраниме.”

Ја запоставив врската, знаејќи дека таа не е вистинската. И девојката го знаеше тоа, но се плашеше да го преземе првиот чекор и да замине. На крај, го презеде последниот чекор кон прагот на нашата куќа во која живеевме како станари и ја снема.

Ја запоставив работата бидејќи не ми причинуваше задоволство, а тоа се одрази врз мојот квалитет на работење и ефикасност, наскоро потоа добив отказ кој ми легна на душата толку добро, како што ми легнуваше тоа саботно пиво пред телевизор облечен во тренерки. Куќата во која останав сам се претвори во штала, на која не ѝ обрнував ниту малку внимание, не ми паѓаше на ум да ја вклучам правосмукалката и малку да ја средам, нешто што мојата девојка го правеше секој ден.

Кога газдата на куќата дојде да ја подигне месечната рата беше лут. Куќата која ја изградил со сопствени раце, личеше на штала, ми соопшти дека ова ми е последната рата за плаќање.

Прифатив сè што ми се случи смирено, гледајќи како животот ми се распаѓа пред очи. Имав една недела за да се отселам, морав да барам веднаш алтернативно засолниште за кое не ми беше гајле. Беше саботна вечер, а јас повторно се дружев со пивото купено од мојата последна плата.

Тогаш ми светна, јас испуштив сè од раце, бидејќи едноставно ништо од тоа што го држев во раце не ми го исполнуваше срцето.

Направив листа на работи кои сум сакал да ги остварам отсекогаш и започнав да работам на нив. Отсекогаш сум сакал да живеам во стан купен со сопствени пари во кој ќе можам да правам што сакам, без тоа да му пречи на некој друг.

Отсекогаш сум сакал да го работам тоа што ми било професија, а не да работам во фабрика, работа која никогаш не ми причинувала задоволство. Отсекогаш сум сакал да имам многу пари, за кои знаев дека ќе ги заработам само доколку го работам она за кое што сум роден. Отсекогаш сум сакал девојка покрај себе, што ќе верува во мене и заедно ќе се стремине она колку-толку, да премине во многу кое ќе биде повеќе од доволно.

Најдов привремен стан за живеење и си ветив себеси дека во блиска иднина ќе биде моја сопственост, ја платив првата рата од мојата последна плата и се фокусирав да најдам работа според моите желби.

Тој што бара ќе најде, како велат, барав и најдов, се вработив и добив натпросечна плата која прикриваше не едно, туку дваесет пива во саботна вечер пред телевизор, плус и добра вечера во луксузен ресторан.

Единствено што ми остана беше да пронајдам личност која ќе седи спроти мене во тој ресторан, држејќи ме за рака. Сè уште ја немам најдено, но сигурен сум дека таа ќе ме најде мене кога ќе биде вистинското време за тоа.

Решив потсвесно да не се откажам од успехот кој знаев дека ми е преодреден отсекогаш и неуспехот кој ме следеше во секој чекор, се откажа од мене кога се запозна со мојата волја за подобро утре.

Мој совет до вас е никогаш да не се откажувате од вашите соништа и успехот кој следи со нив, тоа е оној успех кој со него носи задоволство кое ќе ви даде мир и сила да го пребродите овој ритуал наречен живот.

Не откажувајте се од успехот и неуспехот ќе се откаже од вас.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This