8 Начини како да станете независни од вашите лажни ‘пријатели’ и ‘пријателки’

Денес, имам мал круг на пријатели. Но, минатото се дружев со секакви луѓе, се додека не го сфатив следното. Ако сакам да бидам победник, треба прво да се ослободам од губитниците во мојот живот.

Не сакам да ве убедам и вие да се откажете од своите пријатели и пријателки, затоа што иако многу пријателства се лажни, се уште постојат луѓе на кои може да им се верува. И доколку имате таква личност покрај себе, почитувајте ја и кажувајте и дека ја сакате постојано затоа што доколку ја изгубите, шансите да најдете некој кому ќе може да се доверите и потпрете кога ви е тешко, се скоро непостоечки.

За жал, јас не најдов таква личност досега и затоа најдобро знам како е да се дружиш со дволични кои со тебе озборуваат други, а со другите те озборуваат тебе. Луѓе кои туѓата несреќа ги радува повеќе од сопствената среќа. Луѓе кои се без цел и визија во животот. Луѓе кои прават работи кои не ги сакаат, а потоа се жалат дека им е тешко. Луѓе кои не знаат да одлучуваат за својот живот и постојано ги обвинуваат другите за своите грешки. Луѓе со комплекси кои не знаат ништо подалеку од носот. Луѓе со предрасуди кои се маскирани во силни и наводно, мудри нарциси, а под фасадата кријат ниска самодоверба и ранливост.

Одлучив да се тргнам од луѓето на кои знаев дека залудно го трошам времето и зборовите. На почетокот се двоумев дали да заминам, бидејќи и јас како вас, се плашев да останам сама. Но, кога сфатив дека да бидеш сам е подобро отколку да си опкружен со лажни личности, заминав и никогаш не се свртив назад.

Сфатив дека времето потрошено на нив можам да го посветам на себеси и да се претворам во ова што сум денес, жива меѓу мртвите. Доколку и вие одлучите да го сторите истото, бидете спремни за навреди и прашања. Кога луѓето сфаќаат дека се напуштени поради нивната дволичност и лажност, го покажуваат своето вистинско лице. Бидете подготвени да го видите и тоа. Единствен начин на кој може да се ослободите од нив е игнорирањето затоа што инорирањето е мајка на мирот, запомнете го тоа.

Ако и твоите пријатели се недоверливи, лажни и дволични луѓе кои не знаат ништо друго освен да озборуваат и да уништуваат нечии животи ова се 8 начини како да заминеш од нив без да се чувствуваш виновен и осамен.

  1. Престани да се потсетуваш на моментите поминати заедно

Прифаќањето на сегашност и иднина без твоите лажни пријатели кои иако се лажни, сепак ти значат е најтешкиот дел од процесот на напуштање. Откако ќе сфатиш дека не можеш да ги натераш да се променат кон подобро, затоа што немаш право да ги тераш луѓето да се менуваат, тоа е нивни избор кој сами треба да го направат, прво ги напушташ од својата глава, потоа од срцето, а на крај и од животот.

Знам дека имаш поминато убави моменти заедно со нив и тоа го прави напуштањето уште потешко, но сети се дека тие моменти биле лажни. И самиот знаеш дека твоите пријатели никогаш не биле целосно искрени кон тебе. Знаеш и дека те озборувале и те гледале на поинаков начин од оној кој го претставувале пред тебе. Знаеш дека никогаш нема да се променат и затоа време е ТИ да се промениш и да ги напуштиш.

Престани да се потсетуваш на минатото и прифати дека подобро е сам отколку опкружен со лажни пријатели. Лажните спомени кои си ги доживел со нив се НИШТО во споредба со оние кои ќе го доживуваш во иднина. Да не споменувам дека вистинските спомени се тие кои ти ја полнат душата со позитивна енергија и мотивација, додека пак овие кои веќе ги имаш, лажноте, знаат само да ти ја трујат душата со каење.

  1. Не барај нови пријатели, туку претвори се во свој најдобар пријател

Најголема грешка која ја правиме откако ќе се откажеме од лажните пријатели е тоа што веднаш стапуваме во потрага по нови. Она што треба да го направиме откако ќе останеме сами е да се претвориме во свои најдобри пријатели. Тоа значи дека треба да си ги простиме грешките, да веруваме во себеси, да си поставиме цели и секој ден да се натпреваруваме со личноста во огледалото.

Да бидеш свој најдобар пријател значи да научиш како да уживаш сам во свое друштво. Да бидеш свој најдобар пријател значи да се сакаш себеси безусловно, повеќе отколку што ги сакаш сите останати.

Откако ќе го сториш тоа, вистинските пријатели сами ќе се појават, а ти ќе ги препознаеш по тоа што ќе наликуваат на тебе. Само луѓето кои уживаат во свое друштво, можат да уживаат во туѓо друштво и да привлекуваат луѓе како нив.

  1. Научи што е почит, љубов и разбирање кон себеси

Ако не се почитуваш себеси и не стоиш зад своите ставови, не очекувај некој друг да го направи тоа за тебе. Ако не се сакаш себеси онаков каков што си и не се трудиш да станеш уште подобар од ова што си денес, не очекувај некој друг да те сака и да те бодри да успееш. Доколку не се разбираш себеси, не очекувај другите да те разберат.

Кога ќе научиш што значи да имаш почит кон себеси, ќе научиш и како да го цениш своето ограничено време на земјата. Ќе научиш и дека не е потребно да трошиш непотребни зборови на непотребни луѓе. Ќе сфатиш дека доколку си продолжел да се дружиш со изгубени луѓе, ќе си го изгубел и она време кое ти останало.

Почитта оди рака под рака со љубовта и разбирањето. Човек кој се почитува себеси е човек кој се сака себеси и обратно. Разграничи ги своите желби, постави ги своите цели и секој ден труди се да станеш подобар од тоа што си бил вчера. Кога ќе научиш што значи да се сакаш и да имаш разбирање кон себеси, ќе сфатиш дека не си се сакал себеси доволно и затоа си се дружел со луѓе кои не се сакаат ни себе, а камоли пак тебе.

  1. Најди суштинско хоби

Празнината која ќе ја чувствуваш откако ќе се оддалечиш од твоите лажни пријатели може да ја пополниш со хоби кое ќе те го оттргнува вниманието и ќе те држи активен додека поминуваш низ процесот на учење на почит, љубов и разбирање кон себеси.

Без разлика дали се работи за возење на велосипед, планинарење, пешачење, пишување, пеење, свирење на инструмент, реновирање на твојата соба, волонтирање, читање или набавување на миленик, најди суштинско хоби кое ќе го пополнува времето кое си го губел со твоите наводни пријатели. Ќе сфатиш дека времето потрошено на хоби е многу подобро отколку времето потрошено на безделничење и озборување.

  1. Започни да спортуваш

Сум немала време да се посветам на себеси и на своето тело затоа што постојано се чувствував приморана да бидам во близина на моите пријатели за тие да не се чувствуваат осамено и напуштено. Ова е една од најголемите грешки кои ги направив во животот – не сум се посветила доволно на себеси и мојот пхисо-физички раст и развој. Не прави ја истата грешка како мене и откако еднаш ќе се оттргнеш од лажните пријатели, посвети се на себе максимално.

Претвори се во личност која отсекогаш си сакал да бидеш, а не си можел да го направиш тоа затоа што си бил зафатен со исполнување на желбите на твоите лажни пријатели. Започни да спортуваш и врати се во форма. Ќе бидеш изненаден од тоа колку многу ќе се чувствуваш исполнет и корисен за себеси додека спортуваш, наместо да тапкаш во место.

  1. Фокусирај се на твојата кариера

Откако се оттргнав од лажните пријатели, започнав да пишувам и да се трудам да го развијам талентот кој го поседувам. И успеав да се претворам во ова што сум денес. Успеав да издадам книга која се продаде во четири изданија, засега. Успеав да изградам катче за милион фанови кои утеха и поука наоѓаат во моите текстови. Успеав да те натерам ТЕБЕ да го прочиташ ова и да слушнеш што имам да ти кажам.

Доколку и ти не си се фокусирал доволно на кариерата поради твоите лажни пријатели, денес кога ќе се откажеш од нив, започни да правиш планови за поголем успех и посветла иднина. Фокусирај се на твојата кариера и на она што сакаш да го правиш до крајот на твојот живот. Прави го најдобро што можеш. Биди најдобрата верзија од себеси.

Не чувствувајте се осамено кога не сте со друштво, научете да уживате во сопственото друштво

  1. Патувај

Патувањето секогаш ги оттргнува мислите и го оживува духот, посебно доколку одлучиш да патуваш сам до непозната дестинација. Кога ќе се почувствуваш осамено и изгубено, спакувај си една троба со неопходни работи и впушти се во авантура. Искористи го времето кое ти преостанало на паметен и интересен начин – патувај. Со секое патување ќе се запознаваш себеси подобро и ќе сфатиш дека да патуваш е поубаво отколку да го поминуваш времето со лажни луѓе правејќи бескорисни работи.

  1. Живеј наместо да преживуваш

Додека си се дружел со твоите дволични пријатели си преживувал, но сега имаш шанса да научиш како да живееш навистина. Биди жив меѓу сите овие мртви кои си го трошат времето на банални работи. Прави нешто корисно, посвети се на себеси, излези на пивце сам и престани да се обидуваш да се вклопиш во стадото овци кои само блеат. Ти си роден за да се истакнуваш. Ти си роден за да живееш. Живеј за себе.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This