6 Причини зошто вегетаријанците и веганите живеат поубаво од месојадците

Вегетаријанскиот и веганскиот режим на исхрана земаат се поголем замав низ светот. Околу 21,8% од човечката популација практикува вегански или вегетаријански режим на исхрана.

Јас се хранам вегански, односно не консумирам продукти од животинско потекло. Започнав да се хранам вегетаријански пред околу 6 години, а после една година, природно делуваше префрлање на повисоко ниво, односно префрлање на вегански режим.

Самата помисла на префрлање на вегански режим правеше да се чувствувам правилно и подобро. Веган сум поради животните, но уживам и во бенефитите по здравјето кои доаѓаат со овој режим на исхрана.

Веган сум затоа што глумењето дека ги сакам животните, додека ги јадам за ручек, е веќе клише. Денес, ќе ви ги претставам бенефитите од ваквата исхрана и ќе ви кажам зошто вегетаријанците и веганите живеат подобар живот и повеќето имаат подолг животен век од месојадците.

1. Намален ризик од срцеви заболувања и дијабетес

Срцевите заболувања и дијабетесот се најчестите здравствени проблеми во светот. И двете настанале благодарение на човечката глупавост, лакомост и недоволна грижа за здравјето.

Ниту еден човек кој има пристап до интернет, како што имаме сите денес, не би требало да ги има овие заболувања, но луѓето нејверојатно не сакаат да живеат долго, штом не се грижат за здравјето и јадат се што ќе им дојде при рака, односно јадат се што јаде толпата, не прашувајќи се како истото влијае врз нивното моментално здравје.

Запушување на крвните садови е најчесто резултат од нездрава, мрсна храна.

Според истражувањата, холестеролот и мастите се добиваат најмногу со консумирање на продукти од животинско потекло. И токму поради тоа, докторите ширум светот им препорачуваат на пациентите со срцеви заболувања вегански режим на исхрана.

Запрашајте се, штом лекарите препорачуваат вегански режим на исхрана, зарем срцевите заболувања не се резултат на консумација на продукти од животинско потекло?

Таквите продукти се богати со масти и холестерол, и допридонесуваат во појава на дијабетес и срцева болест. Исто така, вегетаријанската и веганската исхрана го намалува ризикот од рак, висок крвен притисок, висок холестерол, срцев удар, па дури и Алцхајмер.

Веганскиот режим е поефективен кога станува збор за лекување на некоја од овие болести, повеќе отколку терапијата или хируршките зафати. Мото според кое јас се водам во животот кога доаѓа до исхрана е следното.

ТВОЕТО ТЕЛО НЕ МОЖЕ ДА ТЕ УБИЕ, ЗАТОА ШТО НЕ Е СТВОРЕНО СО ТАКВА ЦЕЛ. Секако, се додека ти не го нападнеш со нездрава храна, недоволно внесување на течност и прекоумерено внесување на алкохол, цигари или дрога, односно нездрав животен стил и недоволна физичка активност.

Состојбата на твоето тело и здравје е резултат на твојата (не)грижа кон истите.

2. Умерена тежина која ја одржуваат без многу напор

Очекувано, вегетаријанците и веганите имаат здрава, слаба фигура и истата ја одржуваат без многу напор.

Ако си вегетаријанец или веган, не значи дека немаш потреба од физичка активност, но сепак, луѓето кои се водат според вакви режими на исхрана, имаат помала потреба од интензивно вежбање како месојадците, односно луѓето кои се хранат нездраво со “junk food” или во превод, ѓубре од храна, односно брза храна. Американците ја именувале како таква со причина.

Самиот вегански и вегетаријански режим на исхрана не дозволува зголемување на телесната тежина. Напротив, помага во намалување и одржување на здрава фигура.

3. Имаат чиста совест, сочувство и отворен ум

Една од најважните причини зошто вегетаријанците и веганите живеат поубаво од месојадците, е чистата совест. Овие луѓе знаат дека животните не се створени за да бидат наша храна, без разлика што кажуваат луѓето со затворен ум, односно без разлика на секој изговор смислен за да си ја исчистат совеста и за да се оправдаат себеси.

Ниедно живо суштество не е родено за да биде твоја храна. Секое живо суштство има право на ЖИВОТ исто колку и ти. И не ме интересира колку посилен си во споредба со животните. Тоа не ти дава за право да убиваш, кога има алтернативна исхрана која можеш да ја консумираш, а воедно и поздрава. Ќе кажеш дека луѓето со векови се хранат така, започнувајќи од оние во пештерите.

А јас ќе те прашам, зарем светот не оди напред? Зарем се уште живееме во пештери, па задолжително е да се храниме како што се хранеле пештерските луѓе? Ако си толку хардкор месојадец, зошто не ловиш и убиваш сам, кога веќе се поистоветуваш со пештерските луѓе?

И не доаѓај со изговорот дека лавот би те изел, кога би имал прилика. Зарем лавот доаѓа во руралните или урбаните средини и лови луѓе? И зошто го споменуваш овој изговор, кога ти не јадеш лавови ами послаби животни? Каква врска имаат лавовите со тоа што ти јадеш кокошки, прасиња и говеда? Зарем и тие би те изеле кога би имале прилика?

Доколку продолжам со рушење на изговорите, текстов нема да има крај, па затоа ќе продолжам со бенефитите од вегетаријански/вегански режим на исхрана.

Веганите и вегетаријанците имаат поубав живот од месојадците затоа што имаат отворен ум, наместо закржлавен. Отворени се за сугестии, дебати и цивилизиран разговор.

Искрено, повеќе им верувам на веганите и вегетаријанците, отколку на месојадците, затоа што знам дека имаат сочувство и совест, нешто што ретко се наоѓа денес во еден човек ама ЧОВЕК во вистинска смисла на зборот.

4. Не внесуваат бактерии и токсини

Продуктите од животинско потекло се валкани. И не само со крвта на убиените животни, туку и со присуството на бактерии, хормони, антибиотици и други токсини кои се додаваат во нив, а за кои вие не знаете. И токму тие токсини влијаат негативно врз вашето здравје.

Не тврдам дека зеленчукот и овошјето не содржат токсини, затоа што нели, денес ништо не е 100% природно, но тврдам дека поздрави од продуктите од животинско потекло.

Таквите продукти развиваат Ешерихија коли, како и други опасни бактерии кои може да се најдат во изметот, интестиналниот тракт и самото месо на животното. Освен што може да пренесат бактерија во вашиот организам, може да предизвикаат и отровање со храна.

Околу 5.000 од 75 милиони случаеви на отровање со храна завршуваат фатално секоја година. И околу 70% од случаевите се предизвикани од заразено животинско месо.

Ако тоа не е доволна причина зошто да преминете на веганска или вегетаријанска причина, не знам која причина би била доволна за вас.

Плус, хормоните кои продукти од животинско потекло ги содржат, предизвикуваат рак, дебелина и зголемување на градите кај мажите, без разлика на тоа што на налепницата на таквите производи пишува дека се “органски”.

5. Уживаат добро расположение, благодарение на експлозивната енергија

Кога ќе се префрлите на веганска и вегетаријанска исхрана, ќе се чувствувате подобро, бидејќи знаете дека не учествувате во процесот на убивање на животни.

Ќе кажете, не учествувам ниту сега, затоа што не ги убивам јас. А јас ќе ви кажам, можеби не сте директен, но индиректен учесник во процесот, секако дека сте.

Зошто? Затоа што вие ја зголемувате побарувачката на месо и производи од животинско потекло, со тоа што ги купувате, односно ја зголемувате побарувачката за убиени животни, односно стапката на смрт кај животните.

Кога не би постоела побарувачка од страна на луѓето, животните не би се убивале и експлоатирале. Освен чистата совест, веганите имаат повеќе енергија од месојадците, затоа што организмот ја вари поспоро храната од животинско потекло, а тешкото варење на храната предизвикува поспаност, тегоби, гасови, отежнато движење, намален фокус и така натаму.

Внесувањето на здрава храна, односно овошје и зеленчук помага во намалување на стрес, анксиознот, гнев, лошење, главоболки, депресија и го менува расположението кон подобро, односно ве прави да се чувствувате здрави и полни со живот.

Здрави продукти како што се кафеавиот ориз, ‘ржан леб и овес го зголемуваат нивото на серотонин во мозокот, односно хормонот на среќата.

6. Заштедуваат пари и спасуваат животи

Многу луѓе имаат погрешно мислење за вегетаријанскиот и веганскиот режим на исхрана, односно мислат дека следење на ваков режим чини многу пари.

Вистината е спротивна, затоа што повеќето веганските и вегетаријанските продукти се поефтини од продуктите од животинско потекло. Кога чекам ред на каса во супер маркет, и пред мене наплаќа човек кој кошницата ја наполнал со наполитанки, колбаси, медењаци, чипси, газирани сокови и диетален леб, си помислувам, колку залудно потрошени пари на нездрава храна.

Колку ли зеленчук и овошје заменуваат парите потрошени за наполитанки и чипси?

Зарем навистина немате пари да се храните здраво или преферирате да се тешите така додека јадете чипси и колбаси кои содржат нокти, црева и што уште не?

Зарем навистина веганските продукти се поскапи од фамилијарното пакетче чипс кое чини над 100 денари? Престанувам со споредбите и оставам на вас да мозгате и пресметувате, секако доколку не сте зафатени со измислување на некој друг изговор зошто веганството или вегетаријанството, не е за вас.

И во право сте, можеби навистина не е за вас, доколку се сметате себеси за дел од толпата наречена “луѓе”. Пред да бидеш веган или вегетаријанец, треба да бидеш ЧОВЕК, а ретко се наоѓаат такви митолошки суштества во 21 век во кој владеат роботи.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This