3 Знаци дека си ментално ограничен и имаш затворен ум (и како да се подобриш)

Личностите кои според мене се ментално ограничени не ги класифицирам како такви затоа што им е одредена дијагнозата, туку затоа што гледам како живеат и ми доаѓа да ги прашам зошто воопшто живеат кога си дозволуваат да си го трошат драгоценото време на земјата во правење на работи без цел.

Ментално ограничена личност за мене е некој кому приоритет во животот му се банални работи како озборување, берење гајле за туѓи животи, а најмалку за својот, следење на правилата на општеството, одмаздување, прифаќање на мизерија и удобно сместување во својата комфорна зона.

Можеби ќе речете, која е таа да класифицира кои се нормални, а кои не. Во право сте, јас немам право да го правам тоа, ниту пак сум некоја која може да го промени светот. Сепак, останува на мене да се обидам и да ја разбудам свеста кај луѓето кои преживуваат, да започнат да живеат и да го користат секој ден правилно.

Доколку имате затворен ум, сигурна сум дека во моментот пцуете по мене и се двоумите дали да го затворите текстот. Ќе ви помогнам во одлуката. Ако сакате да останете слепи до крајот на животот, престанете со читање. Но, доколку сакате да научите нешто ново, да се подобрите и да живеете наместо да преживувате секој ден, елиминирајте ги овие 3 знаци кои покажуваат дека сте ментално ограничени и дека имате затворен ум.

Ослободете си го умот и прифатете критика која може да ви помогне. Научете да распознавате искрена критика од злонамерна и продолжете со читање, затоа што и сами знаете дека со моето пишување сакам само да ви помогнам, па дури и тогаш кога ве навредувам.

1. Озборувате

Не негирам дека во минатото и јас сум озборувала. Бев несозреана и се дружев со луѓе на кои главна преокупација им беше озборувањето. Некои од нив сфатија дека од тоа немаат никаква корист, а некои продолжија со тој начин на живот и до денес не прават ништо корисно за себе.

Една од личностите која сфати дека озборувањето е непотребно губење на време и енергија на луѓе кои најверојатно никогаш не ни помислуваат на тебе, бев јас. Сфатив дека кога озборувам друг само си го трошам времето кое би можела да го искористам за остварување на моите цели и соништа. Би можела да го искористам за нешто попаметно, како на пример, прошетка во природа во свое друштво, читање на книга или пишување. Би можела да го искористам за да се запознаам себеси подобро и да сфатам дека пред да ги озборувам другите, треба прво да се погледнам себеси во огледало.

Никој не е совршен, па така ни јас, но се обидувам да бидам подобра од вчера за да ги научам другите како да го направат истото. Она што сакам да ви го доловам е дека ако си ги преокупирате мислите со себеси, нема да ви остане време да размислувате за други луѓе, како живеат тие, што прават, со кого имаат секс, какво им било минатото, а не пак за да ги озборувате.

Секогаш кога ќе посакате да озборувате, само потсетете се на познатата реченица: ‘Големите луѓе зборуваат за големи работи, а малите луѓе зборуваат за други луѓе’. Се чувствувате мали? Тоа значи можеби сте ментално ограничени со затворен ум кој е редно да го отворите, да ги проширите границите на вашето размислување и поглед кон животот, и да започнете да го трошите времето во правење на нешто свое, наместо да се занимавате со глупости.

2. Се одмаздувате

Во минатото заедно со пријателките смислувавме одмазди за луѓе кои не повредиле/навредиле на некаков начин, или пак за луѓе кои воопшто не обрнувале внимание на нас, само за да им привлечеме внимание.

Кога ќе се сетам на ова, се срамам од себеси и од друштвото со кое се дружев тогаш, затоа што сфатив дека не постои нешто поглупаво од одмазда. Одмаздата е всушност трошење на време и енергија бесполезно. Покрај тоа, штетно влијае врз нашата психа и живот. Како?

Доколку постојано кроиш некакви банални одмазди, не само што го тераш мозокот да размислува за работи кои го отупуваат, туку и си го трошиш времето на личности кои без разлика дали заслужиле одмазда или не, заслужуваат да бидат ЗАБОРАВЕНИ.

Заборавот и успехот се најдобра ‘одмазда’, верувајте ми. Не постои ништо полошо за човек кој е исто ментално ограничен и со затворен ум од тоа да го заборавиш и да се фокусираш на сопствениот прогрес.

Ова го искусив на своја кожа кога започнав да пишувам и напредував толку брзо, што моите некогашни ‘пријатели’ започнаа да ме навредуваат јавно на страниците за кои што пишував само поради тоа што се тргнав од нив и решив да ги заборавам.

Не одрекувам дека во неколку наврати им упатував индиректна јавна навреда, но и тоа го правев со добра причина – да ги натерам да го направат истото што го направив и јас – да заборават на минатото и да се преокупираат со себе. Не знам дали успеав во тоа, но знам дека се обидов. И тоа ми е доволно. Она што не ми е доволно е вашето читање на текстов. Сакам да видам резултати во вашиот живот. Сакам подобрување.

3. Ги следите општествените правила

Верувам дека се она во кое што слепо веруваме е измислено и безвредно. Религијата, законите, политиката, парите, браковите, врските, работата, историјата, пријателството. Можеби ќе кажете дека сум глупава, но запрашајте се кој е глупавиот навистина? Дали верувате во нешто затоа што другите веруваат во истото или затоа што знаете што значи и како настанало навистина?

99,9% од популацијата, нема да кажам светската, туку ќе се фокусирам на македонската, би одговориле: ‘Затоа што веруваат другите’, но немаат храброст да признаат.

Сфаќам дека бракот е институција во која заљубените парови си укажувааат љубов и се трудат да створат човек кој ќе биде дел од нив двајца и ќе го продолжи семејното стебло, но за мене, сето тоа НЕ Е ЗАДОЛЖИТЕЛНО, а понекогаш и помислувам дека е и непотребно.

Сфаќам дека многу од вас се држите за законите, религијата и политиката како пијан за бандера. Но, она што не го сфаќам е зошто тоа мора да биде така? Зошто мора да следите општествени правила? Зошто да не бидете слободоумни и да размислувате со своја глава? Вашиот глас на изборите секако дека нема да влијае врз избирање на измислената власт, ниту пак ќе промените нешто ако се карате меѓусебе за политика. Со тоа само покажувате колку сте ментално ограничени и колку умот ви е затворен и закоравен.

Ако не сакаш да правиш нешто – не прави го. Не е задолжително да се омажиш/ожениш. Не е задолжително да веруваш во било каква религија измислена само за да дели, манипулира и шири омраза помеѓу луѓето, наместо да зближува. Не е задолжително да работиш нешто што не го сакаш под изговор дека државата не е во ред. Ти не си во ред. Доколку си квалитетен во тоа што го правиш и го сакаш или во најмала рака, симпатизираш, верувам дека успехот кој според општеството се мери во пари, ќе биде неминовен за тебе. Исто така, верувам дека бегањето од државата не е секогаш поради пари, туку поради луѓе како вас кои имаат затворен ум и ги омаловажуваат слободните луѓе како мене постојано.

Но, тоа не значи дека не може да се промените. Секој може да се промени. Доволно е да сака, да се обиде и да не се откажи се додека не стане горд на себеси. Она што сакам да го доловам за крај е дека вие не сте робови на вашето општество од раѓање. Вие одбирате да бидете робови, само затоа што сте опкружени со робови. Ослободете се денес. Ослободете се од сопствениот кафез и раширете ги крилјата.

Навистина ли сакате да умрете заробени во своите неисполнети желби со синџир на рацете искован од општествени правила? Верувам дека не, но мора да превземете нешто за тоа да не биде така. Бидете свои. Работете на сопствениот успех. Оставете простор за совети и критики како претходните што ви ги упатив и слушајте си го инстинктот – бидејќи тој знае најдобро.

Кога ќе започнете да работите на себеси без притисок од општестовото и без исполнување на очекувањата и желбите на другите (најчесто на оние од најблиските), ви ветувам дека нема да зажалите, туку ќе се обвинувате себеси што не сте започнале порано.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This